Home » Со сопругата се боревме со неплодност,имавме и мртвороденче,но сега сме благословени со ќерката Ангела“

Со сопругата се боревме со неплодност,имавме и мртвороденче,но сега сме благословени со ќерката Ангела“

by Media24
216 views 12 minutes read

Table of Contents

„Јас правев буквално сè за да го преболиме мртвороденчето по второто ИВФ и сега во раце ја држиме нашата ќерка Ангела. Иако жената е најголем носител на овој товар, мора да кажам дека и најголемиот воин треба да е нејзиниот сопруг. Сега, со гордо крената глава можам да кажам дека Ангела е добиена токму со ИВФ процес – таа е дете од епрувета“, вели Александар Цветковски (41) од Битола

Александар Цветковски (41) од Битола, по професија сообраќаен инжeнер, e сопруг на Наташа и татко на Ангела, која е родена на 28.08.2023 година по, како што вели тој, најтешкиот пат, односно патот со ин витро оплодување (ИВФ).

Александар е пример како еден маж треба да се постави во ваква ситуација и да биде најголема поддршка на жената, која носи огромен товар во борбата со неплодноста.

Кај нив оваа борба траела со години и била најтешкото нешто кое го доживеале во животот.

banner

Тој ја споделува приказната за патот кој го изоделе со сопругата и за тоа како се чувствуваат благословени денес со ќерката Ангела:

Колку време со сопругата се обидувавте да имате деца, пред да помислите дека постои некаков проблем и е време за испитувања?

Со сопругата сме во брак веќе 9 и пол години.

По две години од нашиот брак се одлучивме да започнеме најпрво со најобични прегледи кај нејзиниот тогашен матичен лекар, а потоа и со упати до специјалисти.

Какви испитувања направивте и кој беше заклучокот на докторите?

Со оглед на тоа што сè започна преку матичниот гинеколог на сопругата и со неа на ехото беше сè во ред, најпрво процесот започна со она што е ноќен кошмар на секој од мажите, а тоа е спермограмот.

За сопругата, пак, сè започна со оние бактериски испитувања и испитувања на грлото на матката, а потоа и со испитувања за проодност на каналите.

Каква дијагноза ви поставија – што беше нареден чекор?

И покрај целосните испитувања кои ги правевме, и покрај барањата да дознаеме во што е проблемот кај нас до ден денес и покрај тоа што ја имаме Ангела во рацете, не дознавме целосна дијагноза.

Кај нас како пар проблемот е непознат од идиопатска природа.

По колку години неуспешни обиди се одлучивте на асистирано оплодување?

Едно од најтешките прашања кои ми ги поставиле е баш ова. Никогаш не сме ги броеле неуспешните обиди. Сме сакале да ги заборавиме.

Знам само дека имавме преку 8 инсеминации правени од неколку доктори во неколку различни клиники. Ќе звучи и нескромно ако кажам дека едвај сме чекале да завршат тие постапки и да започнеме со процесот на ИВФ.

И се случи. Вонматерична бременост кај сопругата која заврши со вадење на еден јајцевод. Е, тогаш веќе знаевме дека нема каде понатаму, освен ИВФ.

Колку обиди за асистирано оплодување направивте и како завршија тие?

Во овие 9 и нешто години брак, направени се 3 ИВФ постапки. Од кои едно неуспешно, едно кое заврши со негативна срцева акција на бебето во 36-та гестациска недела, и ова последново кое заврши на најубавиот можен начин со раѓањето на Ангела.

Како се справивте со загубата (мртвороденче) при еден од обидите?

Најискрено, мислев дека никогаш нема да излеземе од лавиринтот во кој влеговме по смртта на нашето бебе. Еден обичен преглед се претвори во најголема ноќна мора на еден од најпозитивните парови кои го одат овој пат.

И тоа сосема на крај, на влегувањето во 9-тиот месец.

Наведнататите глави во болничкиот ходник низ кој поминавме ни кажуваа дека ќе мораме да се бориме со она што никогаш ни на сон не го помисливме дека може да ни се случи.

Можеби потсвесно очекуваме на почеток негативен тест на бременост, но никогаш смрт на бебе во стомакот на сопругата.

А како се справивме? Уште наредниот ден кога сопругата требаше да роди мртов плод јас стапив во контакт со наша пријателка психолог која многу ни помогна во надминувањето на кризата.

Верувавме во неа, а и таа во нас и за кратко време колку – толку ја надминавме болката.

Колку ти ѝ беше поддршка на сопругата? Колку ова е емотивен и тежок процес? Но, и како се чувствуваше ти самиот?

Најголемата поддршка на сопругата ѝ бев токму јас. Процесот на оджалување на нашето мртвородено бебе го поминувавме онаму каде човечка нога ретко стапнува, онаму каде реката ги впиваше нашите солзи.

Ќе ве излажам ако речам дека не сум плачел. Чести беа тие денови кога сме биле заедно во прегратки со сопругата и со солзи во очите.

Шетањето по планините, одењето на за нас непознати места без план, туку онаму каде патот ќе нè води ни беа навистина од голема помош при закрепнувањето.

Јас правев буквално сè да бидам покрај неа и да го пребродиме ова ЗАЕДНО што побрзо.

Колку инјекции, солзи, болка, неуспеси, имаше во целиот процес?

Ви напоменав накратко низ колку процеси поминавме. Мислам дека сопругата прими литри и литри инjекции.

Тони апчиња, што витаминска, што хормонска поддршка, па крвавења во двете бремености кои беа поткрепени со долготрајна терапија за која често знаев да кажам дека производителот треба да ја спонзорира сопругата со терапијата.

Падови имаше премногу. Токму кога ќе помислиш дека сè е во ред, некое бактерииче ќе се закачеше кај сопругата, па повторно стравот се вселуваше во нас.

За неуспесите не сакам да зборувам. Тие се составен дел од овој пат и верувајте дека јас бев баш спремен да се носам со него, но и да ѝ помогнам на сопругата што побрзо да го прифати и да го преброди неуспехот.

Како изгледаше периодот по трансферот на ембриони кај сопругата? Мируваше ли, броеше ли денови, велат дека ова е најтешкиот дел, дали е навистина така?

Трансфер… Колку ли само го сакам овој збор, колку ли само се радував кога ќе враќавме со ембрионче.

Кај нас, и во двата случаи, враќавме бластоцисти. Ќе ви звучи нескромно, но ќе речам дека после трансферот ние ги менувавме улогите дома.

Таа одмораше, ретко стануваше, а јас бев оној кој ја замени неа и се грижеше за домашните обврски во домот. Јас и нашите најблиски.

Тие 12 денови до тестот изгледаат како цела вечност. Како денот да не поминуваше.

А и тестовите заедно ги правевме. Мораше двајцата да ја видиме онаа црвена линија кога ќе се појави.

Како изгледа борбата со неплодноста, долови ни…

Уште порано ми се вртеше мислата дека „Ако нешто си го сакал, а не си го имал, значи недоволно си го сакал“.

Ние и двајцата со сопругата сакавме да имавме дете, на кој било начин.

Најпрво преку ИВФ, а доколку и тоа не успее ќе бараме и друго решение.

Борбата е тешка. Освен психички, треба да си и многу физички спремен, а се разбира и она што става најголема сопка при овој процес се финансиите.

Борбата е тешка со непроспиени ноќи, нервоза, шетање низ болничките ходници од врата до врата. Со оглед на тоа дека сме од Битола и честопати немаше реагенси сме патувале од град во град само за некое испитување.

Чекањето на ваучерот од ФЗОМ исто така ни беше дел од борбата.

Непријателот верувајте е посилен во оваа борба. Сојузници имате, но и тие не се семоќни, не зависи сè од нив. Барањето на терапиите кои ги нема речиси никаде, исто така се дел од оваа борба.

Иако жената е најголем носител на овој товар, морам да кажам дека и најголемиот воин треба да е нејзиниот сопруг.

Тежок ли е патот кој го изодевте? Колку поддршката е клучна во процесот? Дали сметаш дека жените во вакви ситуации имаат доволно поддршка од нивните партнери? Што сè правеше ти?

Патот не да е тежок, ќе споредам дека е пат комбиниран со трње и жар кој мора да го изодиш. Го одиш, а не гледаш крај.

Иако сопругата е главен носител, сепак јас бев оној кој ѝ беше најголема поддршка.

Го проучив целиот процес на ИВФ за кратко време. Научив што, кога и како ќе прави. Честопати докторите ми велеа ти сè знаеш за процесот, уште само пракса ти недостасува.

Јас бев тој кој знаеше со докторите да комуницира за сè она што се гледа на мониторите.

А дали жените имаат поддршка од своите партнери? НЕ! Толку километри сме поминале низ ходниците и секогаш во очи ми паѓаа девојките кои сами чекаа во чекалните, кажувајќи дека нивниот сопруг не бил целосно заинтересиран за ова. Правел само тоа што треба да го прави според протоколот за ИВФ и толку.

Најважниот совет кој го добивте во битката со неплодноста е…

Советот си го дадовме сами со сопругата. Уште на самиот старт седнавме и се договоривме – Проблемот нема да е до мене или до тебе – наш е заеднички.

Заедно влегуваме во ова и заедно ќе излеземе од ова. Ќе ја водиме битката и ќе бидеме победници.

Јас во ниту еден момент не ја оставив сопругата сама да прави нешто со овој процес. Во ниту еден од процесите. И тогаш кога најмалку требаше да сум таму – јас бев.

Колку во Македонија се говори јавно на оваа тема? Имаат ли многу брачни парови проблем со неплодноста?

ИВФ процесот е табу-тема во нашава држава. И ние бевме скептици на стартот.

Се срамевме да говориме за ова. Но, на кратко.

Запознавме многу парови кои се срамеа да говорат за ова и на почетокот мислев дека многу малку парови се борат со ова, но не било така. Сме биле премногу. Редици и редици сме чекале.

И да, многу парови сме запознале кои го поминаа процесот. Некои завршиле успешно, некои не. Заедно сме се радувале, заедно сме тагувале со тие парови.

Заедно сме разменувале терапии, заедно сме барале терапии, заедно сме споредувале резултати. Нè има премногу кои сме биле благословени да го одиме овој пат.

А сега со гордо крената глава можам да кажам дека Ангела е добиена токму со ИВФ процес – таа е дете од епрувета.

Порака до сите парови кои минуваат низ оваа битка…

Најпрво би сакал да им порачам на паровите никогаш да не се откажуваат од овој процес. Да се борат и да одат докрај. Битката ја добиваат најхрабрите и најупорните. Не се предавајте тогаш кога цел свет ќе се сруши пред вас.

А посебно би ги поздравил мажите! Да им бидат најголема поддршка на своите сопруги, тие не се сами во ова.

Како што вели нашиот доктор, раката без рамото не оди. Мажи, сакајте ги вашите сопруги, правете сè за полесно да го поминат ова.

Шетајте, разговарајте, дружете се, смејте ги, бидете им најголема позитива која ќе им се случи во денот.

You may also like

@2023 – All Right Reserved. Developed by Media24.News